Според досегашните истражувања во стратиграфијата на локалитетот Градиште кај селото Таор, можат да се издвојат три населби што егзистирале на ист простор и тоа праисториска, доцноантичка и раносредновековна.
Праисториската населба припаѓа на раното бронзено време. Потврдена е преку две камени секирки, кремени ножиња и повеќе фрагментирани делови од керамички садови, откриени во античките слоеви. Со досегашните истражувања сеуште нема откриено културен слој од оваа населба. Тоа веројатно се должи на фактот што нашите истражувања се концентрирани на источниот периферен дел, при што се откриени и редуцирани наоди. Не се исклучени ни неколкуте подоцнежни интервенции и деструкции врз оваа населба, така што од нејзе веројатно се останати минимални траги. Овој културен слој се очекува кон централниот дел на населбата, или евентуално на јужната тераса.
Доцноантичката населба (IV-VI век) е потврдена преку многубројните движни археолошки наоди и откриените градби. Во стратиграфијата на оваа населба јасно се издвојуваат две фази на егзистирање. Првата егзистирала во периодот од IV-VI век, до катастрофалниот земјотрес во 518 година, а втората по земјотресот во текот на VI век. Со досегашните истражувања од првата фаза се откриени делови само од една градба. Се работи за дел од од станбена куќа откриен во сонда II со првите сондажни истражувања. Ѕидовите на куќата се ѕидани со речен камен врзан со кал, а подот бил премачкан со тенок слој глина. Од надворешната страна во долните партии на ѕидот од куќата беше констатиран еден ред оплата од покривни керамиди, а на самиот агол дел од рачна мелница. Наодите на монети од Константиј (337-361) и Констанс (337-350), ја потврдуваат нејзината хронолошка припадност. Овој објект останал да егзистира до крајот на VI век. Како потврда на тоа претставува откриениот групен наод од 7 монети на Јустинијан I, под нејзиното подно ниво.
Најголемиот дел од откриените градби и подвижните археолошки наоди припаѓа на втората фаза. Според пропорциите, опусот на ѕидање и квалитетот на малтерот што бил употребен, се има впечаток дека откриените делови од градбите и одбранбениот ѕид се плански и мошне цврсто градени. Овие наоди овозможуваат да претпоставиме дека, при обновувањето по 518 година на населбата едновремено се интервенирало. Од оваа фаза во концепцијата на населбата бил изграден систем за довод и одвод на вода. Како последица на неколкуте продори на Аварите и Словените при крајот на VI век, животот на населбата потполно замрел.
Раносредновековната населба (IX-XI век) е потврдена преку градежни интервенции на веќе постоечката архитектура и движен археолошки материјал. По прекин од околу два века населбата повторно е активна. Биле обновени делови од веќе постоечките градби, но прилагодени на условите што владееле во тој период. На оваа населба припаѓаат повеќе наоди на фрагментирани делови од керамички садови, често украсувани со брановидни линии и плитки канелури. Од металните наоди откриени се, накит (белегзии, обетки, прстени), делови од воена опрема (војнички оклоп, аликации за каиш, токи), делови од градежни конструкции и две монети од Роман I Лакапин. Во стратиграфијата на населбата овој културен слој започнува веднаш под хумусниот.
|