Селото Таор лежи на околу 20 км ј/и од центарот на Скопје, на левиот брег на реката Вардар, на местото каде што реката се извлекува од мучуришниот шамак и навлегува во Таорската Клисура. Единствената комуникација со Скопје селото ја има преку мостот на реката Вардар и село Орешани. Во римско време во северното подножје на населбата поминувал магистралниот повардарски пат, кој од Скупи преку Стоби одел за Тесалоника. Населбата на локалитетот Градиште се наоѓа на с/и периферија на село Таор, расположена на висок рид што го сочинуваат акропола и две тераси.
Акрополата е поставена на јужната страна од локалитетот, на највисоката и најдоминантна позиција на ридот со визуелна прегледност над пошироката околина. На нејзиниот јужен крај се соединуваат западниот и источниот одбранбен ѕид во јака “кула-бастион”. Јужно од бастионот е ископан длабок одбранбен ров, кој сеуште се распознава на теренот.
На северната страна од акрополата е поставена првата тераса, триесеттина метри пониско од нејзе. Нашите истражувања се лоцирани на источната страна од оваа тераса. Акрополата и првата тераса се опфатени со одбранбен ѕид. Долната, втора тераса го претставува подградието и зафаќа најголем простор. Таа е опфатена со одбранбен ѕид.
Од западната и источната страна населбата има по една помала тераса. Западната се врзува за подградието и на нејзе лежи современата некропола на селото Таор. Источната е врзана за втората тераса и претставува коса стрмна падина, веројатно со одбранбена функција. Засега на овие тераси не се откриени остатоци од порани градежни интервенции или движни археолошки наоди.
|