Од западната страна на населбата, со истражувања и сондирања на поедини места, трасирана е речиси целата должина на одбранбениот ѕид. Од него е откриен дел во должина од околу 40 м (Сл. 1). На сите места широчината му изнесува 1,60 м. На него засега се откриени две надворешни кули. Првата се наоѓа на с/и агол од населбата, има правоаголна основа, димензии 4,30 х 2,70 м од внатрешната страна, ѕидовите и се широки 1 м. Втората се наоѓа околу 50 м појужно и е поголема од првата. Таа е речиси со квадратна основа, има димензии 9,20 х 8,60 м од внатрешната страна, ѕидовите и се широки 1 м. На околу 20 м јужно од првата кула откриен е влез во одбранбениот ѕид со широчина од 1,70 м, со поплочен праг (Сл. 2). Во влезот е откриена мермерна надгробна стела со секундарна функција.
|
 
Слика 1 - откриен дел од одбрамбен ѕид Слика 2 - источен влез во населбата
|
Во внатрешниот дел на одбранбените ѕидови истражен е простор од околу 800 м2. Во него се откриени две градби со повеќе простории одвоени со улица. Улицата е откриена во должина од 20 м, широка е 2,60 м и продолжува кон запад. Првата градба се наоѓа северно, а втората јужно од улицата (План 1). Првата има три простории чии комуникации се изведени од улицата, а втората претставува затворен атриумски простор на поголема “јавна градба”. Трите простории од првата градба се со различни димензии, а нивната функција засега останува нејасна. Сите имаат влез изведен од улицата, додека на нивната северна страна не е констатиран ѕид. Ваквата состојба не придонесува да им се утврди карактерот. Во нивниот простор не се откриени карактеристични археолошки наоди кои евентуално би ја определиле функцијата.
Градбата јужно од улицата е речиси целосно откриена. Се работи за атриумски простор на поголема јавна градба. Има неправилна четвртаста основа, која со три ѕида го затвора источниот влез во одбранбениот ѕид на населбата. Сите три ѕида се со атриумски отвори, функционално прилагодени според позицијата што ја заземаат. Градени од клесан и речен камен врзан со варов малтер, широки 1 м. Северниот се протега во правец исток-запад и ги врзува одбранбениот и западниот ѕид. Претставува колонада од шест столба изработени од градежна тула фугирана со варов малтер со иста дебелина како и тулата. Два столба од колонадата се откриени до висина од 0,70 м, нивните краеви се заоблени. Столбовите имаат четириаголна основа, со димензии 1 х 1 м, еден од друг се оддалечени 1,90 м. Според откриените делови од колоните при деструкција на градбата, се заклучува дека биле врзувани со арки. Во оваа фаза на истражување тешко е да се каже дали таа носела катна конструкција. Западниот ѕид на атриумот на повеќе места целосно е сочуван до висина на атриумските отвори. Се протега во правец север-југ и ги врзува северниот и јужниот ѕид. Ѕидан е од делкан и речен камен врзан со варов малтер. Има два влеза еднакво одделечени еден од друг. Праговите им се поплочени и премачкани со варов малтер. Страните им се ѕидани со тула врзана со варов малтер, а краевите носат четвртасти столбови што во горните партии се врзуваат со арки. Димензиите на столбовите се исти и на двата влеза, изнесуваат 1 х 0,70 м. Ѕидани се од градежна тула фугирана со варов малтер со иста дебелина како и тулите. Овој атриумски ѕид делумно е откриен заради навлегување во контролниот профил. Јужниот ѕид на атриумот се протега во правец исток-запад. Ги врзува одбранбениот и западниот ѕид на атриумот. Ѕидан е со клесан и речен камен врзан со варов малтер. Има еден поплочен влез премачкан со варов малтер, широк 1,85 м. Тој е фланкиран помеѓу два столба со димензии 1 х 0,60 м ѕидани од тула фугирана со варов малтер, кои во горните партии се врзуваат со арка. Страните на влезот се ѕидани со тула врзана со варов малтер.
|

План 1
|
Подот на целиот атриумски простор бил поплочен со градежна тула, но заради подоцнежните интервенции од него се останати минимални траги. Речиси на сета подна површина што ја зазема атриумот, констатиран е слој црвена земја, остаток од подните тули. Исклучок претставуваат оние места каде што подоцнежните интервенции навлегле длабоко во подот. Според многубројните остатоци од покривни керамиди откриени во внатрешниот дел на атриумскиот простор, а во непосредна близина на неговите ѕидови, се заклучува дека биле покриени со кровна конструкција. За ваквата претпоставка придонесуваат и основите за дрвени столбови за кровната конструкција, кои се откриени од внатрешната страна на западниот ѕид. Се работи за шест аморфни камења од горната страна обработени, рамномерно оддалечени еден од друг (Сл. 3). Тие се вкопани во подното ниво и имаат идентични висински вредности. Нивната позиција и висинска вредност укажува на тоа дека послужиле како бази за дрвени столбови што ја носат кровната конструкција.
|

Слика 3 - основи за столбови
|
Во внатрешниот дел на атриумот откриена е мермерна пластика, што ја сочинуваат три столба со висина од 1,60 м, две бази и три импост капители, сите без декорации (Сл. 4). Со оглед на големите разурнувањата што се случиле при крајот на VI век и подоцнежните градежни интервенции од IX век, во оваа фаза на истражување нема можност да се утврди во каква функција била употребена оваа пластика.
Јужно од атриумот, на просторот каде што се соединуваат одбранбениот и јужниот ѕид од атриумот, делумно е истражена уште една просторија. На овој простор откриено е големо количество згура и мал број фрагменти од керамички садови. Ова упатува на заклучок дека во овој простор се одвивала занаетчиска активност.
|

Слика 4 - мермерна пластика
|
Подоцнежните интервенции во атриумскиот простор кои се случиле во раниот среден век (IX-XI век), значително не ја нарушиле неговата положба. Извесно е дека овој простор бил пренаменет да функционира за други потреби. Така во неговиот југоисточен агол била изградена фурна со печка за печење на леб, атриумските отвори на западниот и јужниот ѕид биле зартворени со ѕид од камен врзан со кал (Сл. 5), а на источниот крај од северниот ѕид бил изграден масивен ѕид со скалила за пристап на одбранбениот ѕид. Кон овие интервенции припаѓа и секундарно поставената надгробна стела во внатрешниот дел на источниот влез, со функција на скалило (Сл. 2).
|

Слика 5 - преграден ѕид од средновековната фаза
|
Од подоцнежните интервенции за одбележување е просторијата за фурна со печка за печење на леб. Фурната има трапезоидна форма со различни димензии на ѕидовите. На источната страна искористен е одбранбениот ѕид, на јужната страна искористен е јужниот ѕид од атриумот, а другите два се ѕидани од клесан и речен камен врзан со кал, широки 0,78 м. Во внатрешниот агол на овие два ѕида откриен е складиштен сад-питос, а на спротивниот јужен крај печка за печење на леб (Сл. 6). Печката има кружна форма, со радиус од 2,60 м. Составена е од под и ѕид граден во вид на калота над него, во основата широк 0,25 м. Целата површина на подот е поплочена со тула фундирана на камена полога, нивелирана со слој од добро прочистена глина дебел 6 см, врз кој се поставени тулите. Полукалотестиот ѕид е сочуван само во долните партии на печката. Бил граден од мали кршени парчиња тула врзани со кал, фундиран на камената основа. Од внатрешната и надворешната страна бил премачкан со дебел слој лепеж (ситно толчена тула помешана со добро прочистена глина). Од надворешната страна печката е стабилизирана со потпорни ѕидови (камен врзан со кал) поставени на оние места каде што таа се соединува со ѕидовите од просторијата. Во внатрешната страна на подот од печката откриена е железна алатка-струшка.
|
Слика 6 - печка за печење леб |
|